Македонски автори гости на Балканската смотра на млади стрип автори во Лесковац


Македонски автори гости на Балканската смотра на млади стрип автори во Лесковац, награда за најдобро стрип сценарио за Александар Стеванов

Од 26 до 28 јуни 2015 година, во Лесковац, Република Србија се одржа традиционалната Балканска смотра на млади стрип автори, најстариот и еден од најмасовните стрип фестивали на територијата на екс-Југославија. Тоа го потврдува и фактот што оваа година бројот на учесници на распишаниот конкурс е четири цифрен – над 1700 учесници од 36 земји во светот. На самата Смотра беа присутни околу 80 гости од Италија, Велика Британија, Франција, Белгија, Грција, Македонија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Хрватска, Словенија, Романија,  Бугарија и Србија.


Како и секоја година така и на оваа Смотра присутни беа неколку македонски стрип автори. Претставници од Македонија оваа година беа Јован Секулоски, Никола Темков, Дарко Богданов, Јордан Коцевски, Андреј Манев, Златко Крстевски и Владо Николовски.

„Во поглед на Балканската смотра која традиционално се одржува секоја година, ни овој пат не изостанаа гостите како од Балканот, така и од Европа. Имавме можност да присуствуваме на повеќе дебати меѓу големите имиња на стрипот од поранешна Југославија, имаше излагања за тоа како е да се работи за големите компании во Италија и Франција, презентации на нови наслови од различни издавачи на стрип и слично. Сè се случуваше во една опуштена атмосфера исполнета со добра забава и дружење“ – изјави Андреј Манев.

Андреј Манев

„Причината поради која учествувам на Балканската смотра на млади стрип автори и овојпат беше оправдана – дружење со балканските, а светски имиња на стрипот во опуштена атмосфера. Додека пак, од формалниот дел посебно уживав во завршницата на фестивалот во која Дражен Ковачевиќ и Саверио Тенута зборуваа за процесот на создавање на еден стрип албум. Тоа што го направи нивното обраќање интересно за мене, како стрип сценарист, беше вниманието кое тие го посветија на процесот на правење сценарио, значењето и тежината која со себе ја носат сценаристите и нивната приказна при креирањето на еден стрип, но и важноста од соработката со стрип илустраторот. Исто така тие ги потенцираа и начините на кои најдобро може да се „продаде“ една идеја и да се пробие на странскиот пазар“ – надополни Јордан Коцевски.

Јордан Коцевски

Програмата на самата Смотра беше составена од најразлични активности – се отворија изложби на пристигнатите дела на конкурсот, групна изложба на Босанско-херцеговскиот стрип, и изложбата „Операција Валкира – анатомија на изработка на француски стрип албум“ на српскиот стрип автор Дражен Ковачевиќ.

Беа одржани трибини посветени на француско – белгискиот и италијанскиот стрип, промоции на стрип издавачи од Србија, Бугарија, Грција и на македонскиот стрип издавач „Стрип Квадрат“ во чие име говореше Никола Темков при што ги промовираше досегашните изданија.

Војдан

„Пред две години исто така правевме промоција на издавачката куќа „Стрип Квадрат“, и тогаш се претставивме со само една сликовница, додека оваа година сум горд што на Смотрата се претставивме со дури четири стрип албуми (Различни Светови, Војдан, Чуварите на вечната светлина и Ајвармен) и неколку сликовници. Оваа година Смотрата беше по многу нешта уникатна, како по рекордниот број на учесници на изложбата, така и по бројот на гости што дојдоа да ја посетат. Поголемиот број од нив, сите цртачи и автори како нас, веќе ни се добри другари, и од година во година друштвото се зголемува. Секогаш кога ќе ме повикаат јас ќе бидам гостин. Да не постоеше оваа Балканска стрип смотра, ќе требаше да ја измислиме“ – изјави Никола Темков.

Никола Темков

Традиционално беа доделени и наградите за најдобар млад балкански илустратор, стрип цртач, сценарист, стрип теоретичар и дебитант. Покрај останатите победници оваа година наградата за најдобар млад балкански стрип сценарист ја доби македонскиот сценарист Александар Стеванов од Штип, со што се продолжува континуитетот на наградување на македонските стрип автори од претходните изданија на фестивалот.

Вистинска љубов


„Кога пишувам сценарио за стрип, тоа не го правам поради некоја потајна надеж за добивање признание или награда, туку првенствено поради самиот креативен нагон и потребата нешто да кажам и да се искажам. Ист е случајот и со сценариото за наградениот стрип. Меѓутоа секоја награда ми значи и ја доживувам како потврда за успешно завршената работа како и поттик за вложување на уште поголем напор во иднина. Особено, пак, оваа затоа што доаѓа од еден така реномиран стрип фестивал со долгогодишна традиција како што е Балканската смотра на млади стрип автори. Притоа би сакал да истакнам дека оваа награда за најдобар сценарист немаше воопшто да ја добијам доколку не беше финската илустраторка Кирси Салонен која, со својот неспорен талент, од моите зборови создаде волшебство од слики. Сметам дека наградата, во не помала мера претставува признание и за сите македонски стрип автори кои, со својот ентузијазам, ја одржуваат домашната стрип сцена витална“ – вели Александар Стеванов.

Александар Стеванов

Една од најважните функции на Балканската смотра е и тоа што фестивалот е полигон каде самите стрип автори со меѓусебно директно комуницирање еден со друг ги разменуваат своите контакти, своите искуства и мислења во поглед на стрип проблематиката, и како и на кој начин стрипот да го добие заслуженото место и вредност на овие простори.

Дарко Богданов

„Балканската смотра во Лесковац е можеби едно од најмотивирачките стрип случувања во регионов. Едноставно кога човек е опкружен со толку многу автори и креативна енергија која буквално се чувствува во воздухот, станува неизбежно да му проработат креативните вијуги во главата. Имено, мислам дека беше на Смотрата во 2012 година кога падна одлуката и се оформи костурот на стрип албумот „Мрак Хумор Тишина“ кој е компилација од кратки стрипови кои јас и Јордан Коцевски заедно ги работевме. На Смотрата се дојде до идеја и да се прошири целиот концепт, и да се вклучат и други автори како гости во албумот, па наместо двајца на крај беа вклучени седум автори во целиот проект. Поради вакви моменти и ваква инспиративна енергија со драго срце редовно се враќам во Лесковац, еден од малкуте вистински домови на стрипот на овие простори“ – објаснува Дарко Богданов. 

Парабелум

Генерален заклучок е дека македонскиот стрип и македонските стрип автори со своите дела наидуваат на позитивен прием секогаш кај организаторот на фестивалот, како и кај афирмираните стрип автори од регионот. Наградите од минатите изданија на Смотрата, објавувањето на стрипови од македонски автори пред неколку месеци во стрип списанието „Парабелум“ од Бања Лука, Република Српска, како и најновата награда за стрип сценарио доделена на Александар Стеванов, се само показател дека македонската стрип сцена континуирано, бавно но сигурно оди во посакуваниот правец и сè повеќе се развива. Правец во кој мора и во иднина да се делува и работи за еден ден стрипот во Македонија конечно да го добие местото и статусот кој несомнено го заслужува и со право му следува.

No comments: