Thursday, August 27, 2015

Новиот манифест на културната автономија на младите



Разговараше Бисера Срцева

Деветта уметност, секвенцијална уметност или интердисциплинарна уметничка конструкција се само дел од мноштвото епитети со кои може да се „закити“ жанрот за кој ќе зборуваме. Станува збор за стрипот и неговата патека на интегрирање во културниот идентитет на младите во Македонија. Дискутиравме и разменивме мислења со Александар Стеванов, стрип автор од Штип кој има добиено втора награда за својот стрип „Вистинска љубов“ на Меѓународниот стрип фестивал Велес 2014.

BYN: Стрип авторите и стрип теоретичарите сѐ уште немаат конечна и затворена дефиниција за стрипот. Која е твојата?

Александар Стеванов: Минатиот месец одржав курс за основите на стрипот во Американско катче - Штип и само за дефинирањето на стрипот потрошивме час и половина. Стрип - теоретичарите имаат различни сфаќања за што е тоа стрип, кои не ретко се и спротиставени. Проблемот, меѓу другото, е и во поимањето - дали станува збор за стрип како медиум, па дури и како масовен медиум, или пак за уметност. За различното дефинирање на стрипот не се занемарливи и национално-културолошките разлики, а различностите во толкувањето зависат и од тоа дали ќе прашате некој стрип автор, стрип теоретичар или пак страстен читател. Според мене најкуса дефиниција за стрип би била - секвенца од слики, една покрај друга, со кои се раскажува одредена приказна или пак се пренесува некаква идеја. Овде важно е да се потенцира дека како едно дело би било стрип неопходно е да има слики, повеќе на број - стрип во само една слика не постои.

BYN: Кој беше одлучувачкиот момент што те натера да преминеш од читање во творење стрип?

Александар Стеванов: Уште како дете, на три-четири годишна возраст, започнав да цртам. Со стриповите се запознав нешто подоцна, кога имав пет или шест години. Необичните авантури кои што се раскажуваа во нив, како и стилизираниот цртеж, придонесоа да ги засакам толку многу што мајка ми беше присилена редовно да ми ги купува, како со тоа би се осигурал куќниот мир. Во тоа време имав нацртано и неколку кратки стрипчиња, но тоа не беше ништо повеќе од детска игра. Посериозно со создавање стрипови започнав да се занимавам сосема случајно, во 2010 година, кога ја запознав илустраторката Весна Ничевска од Скопје. Уште при првиот наш разговор, кога ѝ спомнав дека во факултетските денови имав некои обиди за пишување сценарија за кратки стрипови, самата ми предложи да направиме заеднички стрип. Набргу потоа овој стрип беше награден на Стрип Салонот во Велес, а ние ја продолживме соработката до денес.

BYN: Каков е односот помеѓу ресурсите потребни да се направи еден стрип и добивката за стрип авторот?

Александар Стеванов: Ова зависи од многу фактори и од тоа за каков стрип се работи. Кај нас голем број од стриповите се прават само од љубов во слободно време и уште на почеток, на авторите им е јасно дека од нив не ќе извлечат практично никаква материјална добивка. Се работи за кратки стрипови во форма на стрип ленти или пак стрипови од по неколку стрип табли, во кои што авторите имаат максимална слобода да се изразат себе си. Ваквите стрипови обично служат за вежба или пак за промоција по фестивали и стрип конкурси. Од друга страна, тука се и стриповите кои се објавуваат во весници. Главно тоа се стрипови на политичко-сатирична тематика. Не можам да кажам дека сум особено запознат, но со оглед на тоа дека излегуваат со години, логично е да претпоставиме дека авторите се соодветно финансиски наградени за својот труд. Авторските стрипови во форма на стрип албуми, пак, се сосема трета приказна.

BYN: „Вистинска љубов“ (“True love”) е стрипот кој ти ја донесе втората награда на Меѓународниот стрип фестивал Велес 2014. Каква порака носи овој стрип?

Александар Стеванов: Како што кажува самиот наслов се работи за љубовна приказна, барем гледано на површно ниво. Но, ако се анализира малку подлабоко, ќе се види дека темата на стрипот е судирот меѓу фантазијата и реалноста и за контрастот на внатрешниот свет со надворешниот. Всушност и самиот стрип се одвива во недефинираниот простор помеѓу тие два света. Се обидов во него да ги истражам непреминливите гранични линии на реалноста коишто сурово ги заробуваат човечките судби и да прикажам како одредени фантазиите можат за некого да претставуваат опиплива реалност. Стрипот на некој начин претставува потрага по она што е вистина и реалност и како таа невидлива реалност да допре до другиот. Овој стрип воопшто и немаше да постои доколку не беше огромниот талент на финската сликарка Кирси Салонен, која веројатно е главниот виновник за наградата. Со својот сензибилитет и креативен жар, таа во голема мера го збогати претходно напишаното од мене сценарио, преточувајќи го во одличен стрип, за што искрено ѝ благодарам.

BYN: Дали твоите стрипови се одраз на секојдневни ситуации или се фикција?

Александар Стеванов: Иако не сум размислувал на темата, чинам дека сосема мал дел од она што сум го напишал е одраз на (секојдневни) ситуации во кои што јас сум се нашол. Повеќето се инспирирани од некои мои размислувања и безвременски дилеми и се мотивирани пред сѐ од потребата креативно да се изразам и да пренесам некоја идеја. Повеќето од моите стрип приказни се со елементи на фикција, како што се вселенски бродови, змејови и божества, па сепак секоја една од нив зборува за реални нешта. Или како што вели главниот лик во еден од најдобрите стрипови на сите времиња “V for Vendetta”: уметниците користат лаги за да ја кажат вистината, додека политичарите ги користат за да ја прикријат.

BYN: Како ја предвидуваш иднината на македонскиот стрип?

Александар Стеванов: Македонската стрип сцена во последните неколку години е на највисоко ниво од кога и да било досега. Ако до 2001 година во Македонија не беше објавен ниту еден стрип албум од домашен автор, лани и годинава објавени беа десетина меѓу кои: „Чуварите на вечната светлина“ на авторот Игор Јовчевски, „Ајвармен“ на група автори, „Различни светови“, антологиски стрип албум на Никола Темков, „Војдан“ на доајенот на македонскиот стрип Диме Иванов – Димано, како и стрип албумот „Мрак, хумор, тишина“ на тандемот Дарко Богданов и Јордан Коцевски. Ако се суди по ова, логично е во блиска иднина да се очекува дека македонскиот стрип ќе е на уште повисоко ниво од денес. За крај би спомнал дека Македонија е расадник на стрип таленти со голем потенцијал и ентузијазам А, со малку поголема подршка од државата, поголема отвореност и креативност на издавачите и повисока заинтересираност од страна на публиката, на македонскиот стрип во блиска иднина му претстојат сјајни моменти.

Извор: BYN, 24 јули 2014

No comments: