Wednesday, September 9, 2015

Интервју со стрип-авторот Александар Стеванов!

Автор: Гоце Панговски

1. Од кога датира твојот интерес за стриповите и кога активно почнуваш да создаваш стрипови?

Стриповите ги засакав уште од предучилишна возраст, кога дури не знаев да читам, барем не букви. Во маалото во кое, во тоа време, живеев немаше деца на моја возраст, па на некој начин верен пријател пронајдов во стриповите. Редовната посета на локалниот киоск, пак, за мене претставуваше ништо помалку од своевиден ритуал и авантуара. Подоцна, откако тргнав на училиште, почнав и да цртам стрипчиња со ликови од анимираните филмови, но тоа се сведуваше само на детска игра и импресионирање на другарчињата.

Посериозно со стрип се бавам од 2010 година, откако ја запознав илустраторката Весна Ничевска Саравинова од Скопје. Не дека и претходно не бев запишувал синопсиси и не бев правел обиди за пишување на сценарија за стрипови, но сето тоа беше прилично несмасно, неразработено, почнато и оставено за некои идни времиња и повеќе начкрабано, одошто напишано. Се сеќавам дека за првиот стрип кој што го направивме заедно, иако пристапот и методологијата при креирањето не ни беа на најзавидно ниво, сепак резултатот беше добар и истата година за тоа дело освоивме специјална награда на Стрип Салонот во Велес.

Со Весна досега имаме направено 6-7 кратки стрипа од кои, покрај првиот, за уште еден имаме освоено награда. Нашата соработка продолжи и до ден денес, а покрај стрип-соработници сме и добри пријатели. Моментално, по околу две годишна пауза, ја продолжуваме работата на еден алтернативен стрип од петнаесетина страници, со работен наслов „Космогонија“, кој веќе до половина е завршен.

2. Бидејќи имаш правено и само сценарија врз основа на кои други цртачи создавале стрип, но и самиот имаш цртано свои стрипови, дали претпочиташ да си стрип сценарист или цртач? Или себеси се доживуваш и како комплетен стрип автор?

Кога би можел да бирам би бил само стрип сценарист. Тоа е она што најмногу ме привлекува и за кое што сметам дека сум доволно добар за да го правам, заедно со летерингот. Сепак прва љубов ми е цртањето. Цртам уште од 3-4 годишна возраст. Се сеќавам и на првиот цртеж кој што го направив на панталоните од дедо ми. Во основно училиште бев активен член на ликовната секција, а бев избран и за претставник на училиштето за дисциплина сликање, на натпевар на државно ниво. Сум учествувал и на повеќе локални и интернационални фестивали и натпревари за сликање и цртање, но без некој поголем успех.

Но да се вратам на твоето прашање, сите стрипови на кои сум комплетен автор, настанале случајно и првенствено биле планирани за друг илустратор кој што или немал интерес или пак во меѓувреме ја откажал соработката поради некои причини. На некој начин, овие стрипови настанале поради немајкаде и по игра на случајност, а не поради свесен избор. Па сепак мило ми е дека излегло така. Понекогаш маката, покрај лошото, ќе му донесе на човека и убави нешта, во конкретниот случај ме потсети на мојата прва љубов цртањето, кому му се навратив, по можеби десетгодишна апстиненција.

Предноста да се биде комплетен автор е во имањето целосна контрола на секој еден сегмент од стрипот. Кога сам цртам, работата во пишувањето ми е многу олеснета, па сценаријата се максимално скратени и се состојат првенствено од дијалозите и распоредот на панелите со по една реченица опис за секоја сцена. Но во едни такви услови човек се соочува и со своите недостатоци и неможноста да ги реализира замислените идеи и планови поради ограничените можности. А да не беше еден таков недостаток, веројатно јас и далеку поактивно ќе цртав стрипови.

Во светот на професиналниот стрип постои едно правило кое вели: илустраторот мора секогаш на време да ги завршува и доставува стрип таблите, а ако знае да црта добро, тоа е само предност. За жал јас сум ужасно бавен. Бавно цртам не само за професионални, туку и за било какви стандарди.

3. Ќе сакаш ли од твоја гледна точка да ни го објасниш целиот процес на создавање на еден стрип, од првична идеја до краен производ?

Како и за повеќето други уметнички дела, најпрво се раѓа идејата. Долго време сметав дека идејата, доколку е доволно добра, претставува веќе половина изоден пат, сѐ додека за прв пат не седнав да пишувам. Дури тогаш се уверив дека идејата е ништо повеќе од само битниот прв чекор, по кој што следува долго и макотрпно патешествие. Без идеја делото не би постоело, но сама по себе, доколку не се реализира, таа практично не вреди ништо.

Откако веќе постои идеја која би претставувала стабилен темел на она што во иднина ќе биде стрип или барем стрип сценарио, следува пишувањето на синопсис, односно кратка верзија на приказната, а потоа и опис на ликовите, при што се води сметка за нивните карактери, мотиви итн. Исто така се определува и опкружувањето, односно средината во која што дејствието се случува. Ако станува збор за подолг стрип практично е да се направи хронологија на сцените, како би било попрегледно, а воедно би се олеснила и понатамошната работа.

Понекогаш се јавува и потреба од темелни истражувања, кои не завршуваат бргу. Пред извесно време напишав сценарио во кое протагонист е каубој пустиник од крајот на 19 и почетокот на 20 век, при што неопходно беше да научам какви видови оружја и униформи се користеле во тој период и да исчитам неколку стручни книги за американската армија од тој период. Можеше да напишам дека каубојот има револвер и да завршам со тоа, но така, само би го избегнал проблемот наместо да го решам, следователно наместо да му олеснам, само би му префрлил дел од товарот на  илустраторот.

Дури откако ќе се заврши со сето она што го набројав погоре, следува работата на сценариото. Се пишува прва верзија, која потоа безмилосно се ревидира повеќе пати, при што се додаваат нови елементи и се бришат некои кои се покажале како излишни.

Во македонски услови, колку што следам, стриповите обично имаат до двајца автори – сценарист и илустратор. Па откако сценариото ќе биде целосно завршено палката се предава во рацете на илустраторот кој го довршува започнатото и од зборовите создава слики кои се читаат. Во издавачките куќи во САД, на пример, ситуацијата е поразлична. Таму, под раководство на барем еден уредник, работат повеќемина автори со строго поделени улоги за: сценарио, цртање со молив, туширање, боење и летеринг, односно впишување на текстот.

На крајот на краиштата, во аматерскиот стрип, не постои некој ултимативен правилник или канон кој мора дословно да се почитува и сѐ се сведува на разговори и договори меѓу авторите. Различни автори имаат различни пристапи. Создавањето  стрип колку што претставува раководење по одредана методологија и логичка  последователност, толку е и состојба на контролиран хаос.

4. Каде македонските стрип-автори ги објавуваат своите стрипови?

Во Македонија, колку што јас знам, има две списанија за стрип. Првото е „Креатор“, во издание на „Стрип центарот на Македонија“, кое постои од 2003 година. Неодамна во продажба излезе 21 (и 22) број од ова списание во кое што можат да се видат стрипови и од македонски автори, кои учествуваа на минатогодишниот Интернационален салон на стрип во Велес. Второто македонско списание за стрип е на здружението „Макстрипови“ и се вика „Синдром“. Негов уредник е Давор Драмиќанин, а првиот број на ова списание со одличен дизајн, печатено на висококвалитетна хартија, се појави во 2010 година. Првовремено тоа излегуваше во ритам два броја годишно, но ми се чини дека во последно време темпото значително е забавено.

Во деведесетите години на минатиот век и во првите години од овој век постоеја повеќе стрип списанија, како што се „Макстрип“, „Лифт“, „Клик“, „СтрипАрт“, „Стрип Експрес“, „Тотем“, од кои дел имаа многу краток век, а за жал денес не излегува ниедно од нив. Во едни такви услови на мал број домашни стрип списанија, македонските стрип-автори објавуваат и во странство. На пример во последниот број на „Парабелум“, списание од Република Српска (Босна и Херцеговина), објавени беа неколку стрипа на македонските  автори: Дарко Богданов, Јордан Коцевски, Јованчо Секулоски, како и стрип во чие што создавање учествувавме јас и Весна Ничевска Саравинова.

Некои од македонските стрип-автори своите дела првенствено ги објавуваат на Интернет просторот, односно на своите блогови, по интернет портали, форуми исл. Тука би го спомнал Владо Јаневски, чии што стрипови со „Мачорот Бромо“, покрај на неговиот блог, редовно беа објавувани и во ова е-списание, во првите неколку броја, а соработката се продолжи и во овој број, со објавување на нова стрип-епизода од авантурите на неговиот мачор. Ист е случајот и со Дарко Ристевски кој што своите морбидно-хумористични стрип-ленти „Зајакс“ ги објавува на повеќе интернет локации, меѓу кои и форумот „Макстрип“, на кој што повремено се објавуваат и стрип-лентите „Кромаг“, „Пеколот“ и „Змејска градинка“.

Други автори, пак, се ангажирани да работат на стрипови кои се објавуваат во весници и списанија неспецијализирани за стрип. Таков е случајот со Стевац чиј што стрип „Батиња“, на неколку страници, се објавува во секој број од магазинот „Фокус“. Сличен е случајот и со стрип-лентите „Пусто турско“ на авторот Дарко Ристевски и „Пецко“ на Дарко Марковиќ, кои се објавуваат во дневните весници, а исто така во дневен весник објавувана беше и стрип-лентата за песот „Петко“ на авторот познат како Тхе Мичо.

Сум забележал дека стрип има и во списанието за деца „Смешко“ илустрирано од Игор Јовчевски, а колку што знам и Здравко Гиров е автор на стрип-лента која се објавува во младинското списание „Наш Свет“.

Има стрип-автори кои што своите стрипови ги објавуваат и во засебни изданија, без оглед дали се работи за стрип-албуми  или пак за збирки со кратки стрипови. Овде би го спомнал стрип-авторот Дарко Богданов од Виница кој досега, без помош од издавачка куќа, има реализирано два стрип- албума. Првиот е „Modus Vivendi“ на кој е самостоен автор, а вториот „Мрак, хумор, тишина“, кој беше објавен минатата година, го реализираше заедно со стрип сценаристот Јордан Коцевски од Охрид, а вклучени беа и неколкумина други домашни стрип автори. Минатата година објавена беше стрип-антологијата „Различни светови“ на авторот Никола Темков, во издание на „Стрип квадрат“, издавачка куќа зад која што покрај самиот Темков стои и стрип авторот Игор Јовчевски.

На почетокот од годинава објавени беа стрип-албумите „Чуварите на вечната светлина“, на авторот Игор Јовчевски, и стрип-албумот „Ајвармен“ на тандемот Драмиќанин - Јовчевски, обата во издание на „Стрип квадрат“. Објавен беше и стрип-албумот „Копиљ“ на Горан Дачев, како и „Стрип алманах“ во издание на „Стрип центар на Македонија“ во кој што се застапени кратки стрипови на повеќе илустратори, сите цртани по сценарија на Ване Трајков. Исто така во издание на „Стрип центар на Македонија“ објавен беше и албумот „Итар Пејо“, на доајенот на македонскиот стрип, Диме Иванов – Димано. Стрип-албум на Димано беше објавен и претходната година, се работи за албумот „Војдан“, во издание на „Стрип Квадрат“.  Имаше и неколку некомерцијални издание кои беа делени по школите.

Овде би сакал да кажам дека има македонски стрип-автори и илустратори кои првенствено работат за странски издавачи, како што е на пример Александар Сотировски. Пред неколку месеци стрипот „Капетан Нитрат“, на кој што тој се потпишува како илустратор, во делови беше објавуван во култниот „Политикин забавник“, но објавен беше и во целост, како луксузно тврдоукоричено издание. За поздрав е и активноста на шкотската издавачка куќа “Komic Brew”, чиј што креативен тим речиси целосно е составен од стрип автори од Македонија, предводени од Гоце Цветановски.

5. Кажи ни нешто повеќе за стрипот за кој ја доби наградата во Лесковац, како и за самата смотра?

Балканската смотра на млади стрип-автори, која оваа година од 26 до 28 јуни се одржа во Лесковац, Србија, е најстариот, а веројатно и најпрестижниот, стрип фестивал во регионот. Организатори, на оваа веќе светски позната манифестација од сферата не деветата уметност, се Лесковачкиот културен центар и училиштето за стрип „Никола Митровиќ - Кокан“. Годинава, на седумнаесеттата по ред Балканската смотра на млади стрип-автори, срушени беа неколку рекорди, меѓу кои и оној за најголем број на учесници на наградниот конкурс. Имено, на конкурсот учество зедоа 1709 автори, од вкупно 36 земји во светот. Според ова на манифестацијата срушен беше не само нејзиниот минатогодишен рекорд за масовност, туку, според српските медиуми, и истиот овој рекорд во светски рамки, кога се во прашање стрип фестивалите.

Како што спомнав на конкурсот учество зедоа автори од 36 земји, од сите континенти во светот, без Антарктик. Од регионот, покрај домаќините од Србија, свои дела испратија автори од Босна и Херцеговина, Бугарија, Црна Гора, Грција, Хрватска, Романија и Словенија. Од Македонија, барем колку што мене ми е познато, годинава со свои дела се претставија 97 стрип-автори и млади таленти, од кои 63 анимирани преку „Стрип центарот на Македонија“ со седиште во Велес. Освен од регионот, на конкурсот на Балканската смотра на млади стрип-автори учествуваа и автори од остатокот од Европа, од земји како што се Белгија, Белорусија, Чешка, Данска, Франција, Финска, Холандија, Италија, Германија, Полска, Португалија, Русија, Шпанија, Шведска, Турција, Велика Британија и Украина. Од остатокот од светот учество зедоа стрип-автори од Аргентина, Австралија, Бразил, Јапонија, Канада, Малави, Канада, Мексико, Сирија, Соединетите Американски Држави и од Уругвај.

Гости на Балканската смотра, пак, беа над 80 светски познати стрип имиња, дел од кои и цртачи на мегапопуларните Бетмен, Конан и Загор, што исто така претставува своевиден рекорд. Од Македонија на Смотрата гостуваа веќе афирмираните стрип автори Дарко Богданов, Јордан Коцевски, Андреј Манев, Никола Темков, Златко Крстевски, Јован Секулоски, Владо Николовски, како и стрип операторот Томе Трајков.

Плакетата „Никола Митровиќ - Кокан“, односно наградата за најдобар стрип сценарист за мене претставува огромна чест, особено ако се знае дека во жири комисијата на фестивалот беа истакнатите и веќе потврдени стрип-автори Марко Стојановиќ, Милорад Вицановиќ Маза и Румен Чаушев. Но исто така претставува и одговорност за продолжување со стрип творештвото. Ако јас се прашувам, оваа награда е потврда не само лично за мене, ами и за Македонија која и покрај тоа што е мала, претставува плодна почва за креативни луѓе и квалитетни стрип-автори. Впрочем повеќе македонски стрип автори имаат освојувано награди на претходните изданија на Балканската смотра на млади автори, меѓу кои Давор Драмиќанин, Тхе Мичо и Игор Јовчевски.

Стрипот пак, како што кажува неговиот наслов „Вистинска љубов“ претставува љубовна приказна, која ако се проанализира ќе се види дека всушност во неа се крие нешто подлабоко и метафизички. Секако, би требало да спомнам дека ниту наградата, а ниту пак стрипот немаше воопшто да се случат доколку не беше финската илустраторка Кирси Салонен, која што со својот креативен набој и енергија, го преточи моето сценарио во вистинска визуелна поезија.

6. Имаме ли кај нас во Македонија локални и меѓународни собири на кои македонските стрип автори ги прикажуваат своите дела?

Една од ретките стрип манифестации кај нас е Интернационалниот стрип салон Велес, во организација на „Стрип центарот на Македонија“ чиј што директор е Ване Трајков. Годинава Стрип салонот по 13-ти пат ќе се одржи во Велес на средината на месец октомври. Минатата година, меѓу попознатите гости на оваа манифестација беше и стрип-агентот Ервин Рустемагиќ, кому му беше доделено признанието за развој на светскиот стрип. Овде би ја спомнал и изложбата на стрип и илустрации „Фантастика, научна фантастика, митови и легенди“ која минатата година во Битола, во организација на младинската асоцијација ИМКА, се одржа по четврти пат, а се надевам дека традицијата ќе продолжи и оваа година. Постои уште една стрип манифестација, организирана од „Визант“ од Прилеп, но за истата не сум доволно запознаен.

Од време на време ќе се случи и по некоја групна изложба на стрип табли од македонски автори, каква што беше изложбата „Деветтата димензија“ што неодамна се одржа во Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ во Скопје, а во последно време сѐ почесто се случуваат и промоции на стрип-албуми, што особено ме радува.

Но освен на македонско тло дружењето меѓу нашите стрип-автори се одвива и во странство. На пример неколкумина македонски стрип-автори беа гости на годинешнава Балканска стрип смотра во Лесковац, како и на минатогодишниот стрип фестивал во Призрен. Дружбата на добар дел од домашните стрип-автори се одвива и во виртуелниот свет, односно на Инетернет просторот, каде што секојдневно се среќаваат и разменуваат мислења, не само на тема стрип. Едно од тие места е и форумот „Макстрип“ - www.makstrip.com.mk.

7. Колку се бројни македонските стрип-автори и каква е соработката меѓу нив самите, како и со странци во создавањето на нови стрипови?

Најпрво би сакал да објаснам дека домашната стрип сцена, како и стрип чинителите во неа не претставуваат компактна маса или единствен ентитет, па малку е неправедно да се зборува генерализирано. Постои и соработка и несоработка и рамнодушност, од сѐ по малку, а тоа зависи и варира од поединец до поединец, впрочем како и во секоја општествена група во земјава.

Што се однесува до бројноста, и тоа е малку проблематично да се одговори, без притоа да се дефинира терминот „стрип-автор“. Дали стрип-автор е некој кој што создал и само еден стрип или пак мора зад себе да има повеќе стрип дела? И кој е тој утврден број на стрипови над кои што некој слободно би можел да се нарече стрип-автор? Дилема е дали стрип-автор е некој кој професионално се бави со стрип и од тоа заработува за живот или пак за стрип-автор може да се смета и некој кој слободното време, како хоби, си го пополнува со создавање стрипови. Според ова можеби попрагматична и поточна би била поделба на професионалци и стрип-автори аматери; искусни, односно објавувани и стрип-автори почетници; активни и стрип-автори кои со години не создале ново дело итн.

Не постојат официјални податоци околу бројот. Ако се провери на Википедија на македонски јазик, на листата на македонски стрип-автори, ќе се види дека наброени се нешто над 110 автори, дел од кои и починати. Ако истото се провери на форумот „Макстрип“ ќе се забележи дека во автори се впишани шеесет и петмина, од кои еден (Љупчо Филиповски) починат.

Имам впечаток дека, барем кај нас, „стрип-автор“ е изразено субјективен поим. Има такви кои што ретко спомнуваат дека се стрип-автори, односно дека некогаш создавале стрипови и делуваат како да се срамат од тој дел од нивното творештво. На пример, неодамна запознав човек за кого знам дека пред петнаесетина години има нацртано и објавено пар стрипови во списанието „Лифт“, и кој што изрично ми посочи дека не е и дека не се смета себеси за стрип автор. Од друга страна пак постојат луѓе кои што сѐ уште го држат приматот стрип-автор и како такви повремено даваат изјави во врска со стрип, иако со години не создале ново стриповско дело или барем немале некој позначаен успех на тоа поле.

Во едно скорешно телевизиско интервју, на прашањето околу бројноста  на македонските стрип-автори одговорив дека се околу сто, за веднаш потоа да добијам критика дека тој број можеби е малку пренапумпан. Јас сепак и понатаму, по моја субјективна проценка, сметам дека во последнава половина декада, во Македонија има околу сто активни стрип-автори. Во ова ги вбројувам само луѓето за кои знам дека создале стрип и за кои сметам дека оставиле некаков траг од сферата на деветтата уметност, односно се доволно значајни за да се прибележат како стрип-автори. Доколку се бројат и оние кои што нацртале макар и еден стрип, кој што го пратиле на некој фестивал или го објавиле на Интернет или било каде, тогаш бројот би бил драматично повисок.

Но секако, мојот став по ова прашање е субјективен и не задолжително би требало да го прифатите. Без строго утврден и дефиниран термин сето е прашање на критериум и поимање. На пример, пред извесно време прочитав тврдење дека во Македонија има само тројца вистински стрип-автори, што совршено добро ја покажува суштината  на оваа проблематика.

8. За пошироката јавност стрипот беше и во голема мерка сѐ уште подразбира формат на печатена книшка која се прелистува и чита додека се држи во раце. Веќе одамна сме навлезени во т.н. дигитален, виртуелен свет, во којшто многу полесно и побрзо може да се создаваат стрипови, коишто потоа се читаат на компјутерски екрани, таблети, мобилни телефони, итн. Кое е твоето мислење за ова?

Појавата на дигиталниот стрип изврши тектонски пореметувања во поимањето на стрипот кои допрва целосно ќе бидат разбрани, а ја смени и дефиницијата за што е тоа стрип. Па сега, за разлика од порано кога се сметаше дека е смешно корените на стрипот да се бараат пред појавата на печатарската машина, прифатено е дека тој може да е и во друга форма, меѓу кои не само дигитална, односно да не е отпечатен на хартија. Со самото тоа и зачетоците на стрипот се поместија со векови поназад и историјата на стрипот се подели во три епохи.

Нашата генерација е сентиментална кон печатениот стрип и неговото разлистување, а и мене лично поприродно ми е да читам печатен стрип. Па сепак ми се чини дека подемот на дигиталниот стрип никој не може да го сопре. Фактите говорат дека секоја измината година продажбата, односно заработката од дигитални стрипови расте. За илустрација би спомнал дека продажбата на дигитални стрипови во 2014 година имала удел од нешто над 10 проценти од целокупниот пазар на стрипови (и печатени и дигитални) во САД и за дигитални стрипови Американците потрошиле 100 милиони долари. Слична била ситуацијата и во 2013 и 2012 година во кои за дигитални стрипови во САД потрошени биле 90 милиони, односно 70 милиони долари.

Инаку, за споредба со ситуацијата во Македонија, можам да кажам дека познавам неколкумина стрип колекционери и вљубеници кои во своите колекции имаат стотици, па и илјадници стрип наслови, но не познавам ниту еден мој сонародник кој што купил макар само еден дигитален стрип.

9. Какво е твоето мислење за иднината на стрипот во Македонија и воопшто?

Стрипот во светски рамки е мултимилионска индустрија која ќе продолжи да постои без оглед на она што човештвото го очекува. А и Македонија не треба да се грижи за стрип таленти, затоа што ги има и тоа во не мал број. Но треба да сме свесни дека голиот ентузијазам на стрип-авторите, кој до сега претставуваше носечки столб на македонскиот стрип, не може да биде и гориво за неговиот понатамошен прогрес. Македонскиот стрип достигна едно високо ниво, можеби највисоко до сега, и симнување надолу нема да има. Но ми се чини дека доколку не се применат принципите на пазарната економија и стрипот не почне да се гледа како секој друг производ, голем напредок не би можело да се очекува.

Минатата и оваа година во Македонија објавени беа десетина стрип-албуми на домашни автори и неколку стрип спијанија. Секој оној кој што сака во Македонија да има стрип, нека се запраша колку од нив купил. Ако сакаме напредок на македонската стрип сцена и стрип културата во Македонија да расте тогаш треба да почнеме да го третираме стрипот не како резултат од хоби, а од макотрпна и посветена работа. Кога стриповите на македонските автори би се продавале во тираж од барем 500 до 1000 примероци, јас сум сигурен дека и повеќе автори би се мотивирале да се бават со стрип, а и издавачките куќи би се охрабриле да издаваат што повеќе стрип наслови. Дали стрипот ќе се развива во нагорна линија или ова ќе е највисокото ниво, зависи пред сѐ од читателите.

10. Подготвуваш ли, сам или во соработка со други, некое ново стрип дело?

Непосредно пред да ми ги пратиш прашањата за ова интервју го завршив стрипот, кој воедно би можело да се класифицира како детска сликовница, со наслов „Девојче на Месечината“. Се работи за невообичаена книшка, во која замислено е да има и две страници со самолепливи сликички, придружено и со едукативен елемент. Имено, покрај главната приказна, во „Девојче на Месечина“ ги прикажав и сите 88 модерни соѕвездија на ноќното небо, како и посјајните ѕвезди, со дополнителни факти и интересни прашања во врска со астрономијата. Се надевам дека годинава ќе успеам да го објавам ова дело, односно дека ќе наидам на слух од страна на домашните издавачки куќи.

Во моментов младата стрип-авторка Јована Велинова од Штип работи на еден стрип по мое сценарио кој што се вика „Девојка од сништата“. Се работи за краток надреалистички стрип од пет страници. Исто така, како што претходно спомнав, со Весна Ничевска Саравинова ја продолжуваме соработката на стрипот „Космогонија“. Повремено работам и на неколку стрип фонтови, а спремам и уште еден проект, кој не е стрип, но чија тема е токму деветтата уметност.

No comments: