Македонски учесници на стрип фестивал во Албанија

На осми декември, во Тирана, во организација на Министерството за култура на Република Албанија, одржано беше второто издание на стрип фестивалот „Легенди преку стрипови“ (Narracioni i legjendave përmes novelave grafike). 

Исто како и минатата година, претходно зададената тема на овој фестивал, отворен за професионалци и аматери, беше албанските легенди, фолклор и преданија. Во вкупно дваесет и деветте дела од официјалната селекција, изложени и објавени во каталогот, се најде и стрипот „Долг“ на македонските автори Дарко Богданов и Александар Стеванов. Со самото нивно учество, тие станаа досега единствените автори, учесници на овој фестивал, кои не се етнички Албанци, што беше нагласено и во дописот на Министерството за култура на Република Албанија.

На манифестацијата одржана во просториите на министерството за култура, присуствуваше и самата албанска министерка за култура, Мирела Кумбаро (Mirela Kumbaro), која истакна дека и понатаму ќе продолжи да дава поддршка на деветтата уметност - стрипот, која и покрај тоа што не е особено застапена во Албанија, сепак е сакана од авторите.


Жирито во состав Хелидон Халити (Helidon Haliti), Артур Даути (Artur Dauti) и Сеад Казанчиу (Sead Kazanxhiu), за победник на фестивалот го избраа стрипот на авторите Флориан Брегу (Florian Bregu) и Давид Криемади (David Kryemadhi). Второто место, пак, му припадна на Ѓерѓи Жука (Gjegji Zhuka), а третото на Сара Требичка (Sara Trebicka).


За потсетување, минатата година член на жирито беше претставникот на Стрип центарот на Македонија - Томе Трајков, а минатогодишната победничка на овој прв албански стрип фестивал, Герта Опараку (Gerta Oparaku), пред неколку месеци престојуваше во Македонија, како гостинка на Интернационалниот стрип салон, одржан во Велес.

Повеќе:

No comments: