Стрип интервју

Стрип интервју со Александар Стеванов

1.      Стрип авторите и стрип теоретичарите сѐ уште немаат конечна и затворена дефиниција за стрипот. Која е твојата?

Минатиот месец одржав курс за основите на стрипот во Американско катче - Штип, и само за дефинирањето на стрипот потрошивме час и половина. Како што напоменавте и самите стрип теоретичари имаат различни сфаќања за што е тоа стрип, кои не ретко се и спротиставени. Проблемот, меѓу другото, е и во поимањето - дали станува збор за стрип како медиум, па дури и масовен медиум, или пак за уметност. За различното дефинирање на стрипот не се занемарливи и национално-културолошките разлики, а различностите во толкувањето зависат и од тоа дали ќе прашате некој стрип автор, стрип теоретичар или пак страстен читател.

Според мене најкуса дефиниција за стрип би била: секвенца од слики, една покрај друга, со кои се раскажува одредена приказна или пак се пренесува некаква идеја. Овде важно е да се потенцира дека како едно дело би било стрип неопходно е да има слики, повеќе на број - стрип во само една слика не постои. Некои теоретичари, како Османли, посочуваат минумум од три слики, односно глетка полиња како што тој ги нарекува. Исто така неопходно е сликите да се една покрај друга односно да зафаќаат различен простор. Доколку тоа не е посочено во дефиницијата, во стрип би можело неправилно да се опфати и филмската уметност.

Други пак, дефинирајќи го стрипот, покрај сликите, неминовно би го спомнале и текстот. Во практика најголемиот број од стриповите содржат и текст, па сепак текстот не претставува задолжителен елемент на стрипот. Стриповите без текст и натаму остануваат стрипови, исто како што и филмовите од немата ера и покрај тоа што немаат звук сепак не се ништо друго туку филмови. Овде би спомнал дека до пред некоја година во Полска постоеше фестивалот на „нем“ стрип - Лигатура, во кој што основен предуслов за да се учествува беше стриповите да бидат без текст.

2.      Колку е лесно/тешко да се изразиш преку стрип?

Кога за одредено нешто постои страст, тогаш тотално небитно станува прашањето дали е тешко или пак лесно. Едноставно имате потреба од тоа. Ист е случајот и со изразувањето преку стрип. Откако знам за себе ме фасцинирале сликите, па некако природно ми дојде да почнам да се занимавам со стрип. Приказните кои што сум ги напишал за мене станувале нешто реално дури откако ќе сум ги видел нацртани, што веројатно е типично „стриповско“ размислување.

3.      Кој беше одлучувачкиот момент што те натера да преминеш од читање во творење на стрип?

Првите стрипови во историјата на човештвото, без разлика дали овде би ги посочиле праисториските цртежи како оние во пештерата Ласко, делата на Вилијам Хогарт или пак литературата во слики на Рудолф Топфер, биле создадени од луѓе кои што никогаш и не слушнале за поимот стрип. Ист е случајот и со мене и моите први срамежливи чекори во светот на деветата уметност.

Креативниот нагон кај мене се појави доста рано. Уште како дете, на три-четири годишна возраст,  започнав да цртам. Се сеќавам дека таа љубов започна кога тетка ми ми донесе, во тоа време за мене некои чудни боички, кои уште во истиот миг ги испробав на панталоните на дедо ми. Во купиштата детски цртежи, паметам дека имаше и такви кои што, во зависност од дефиницијата, би можеле да се сметаат за стрип, односно претставуваат раскажување преку слики во секвенца, со „стриповски“ елементи.

Со стриповите се запознав нешто подоцна, кога имав 5 или 6 години. Необичните авантури кои што се раскажуваа во нив, како и стилизираниот цртеж, придонесоа да ги засакам толку многу што мајка ми беше присилена редовно да ми ги купува, како со тоа би се осигурал куќниот мир. Во тоа време имав нацртано и неколку кратки стрипчиња, но тоа не беше ништо повеќе од детска игра.

Посериозно со создавање стрипови започнав да се бавам сосема случајно, во 2010 година, кога ја запознав илустраторката Весна Ничевска од Скопје. Уште при првиот наш разговор, кога ѝ спомнав дека во факултетските денови имав некои обиди за пишување сценарија за кратки стрипови, самата ми предложи да направиме заеднички стрип. Набргу потоа овој стрип беше награден на Стрип Салонот во Велес, а ние ја продолживме соработката до денес.

4.      Каков е односот помеѓу ресурсите потребни да се створи еден стрип и добивката за стрип авторот?

Ова зависи од многу фактори и од тоа за каков стрип се работи. Кај нас голем број од стриповите се прават само од љубов во слободно време и уште во старт на авторите им е јасно дека од нив не ќе извлечат практично никаква материјална добивка. Се работи за кратки стрипови во форма на стрип ленти или пак стрипови од по неколку стрип табли, во кои што авторите имаат максимална слобода да се изразат себе си. Ваквите стрипови обично служат за вежба или пак за промоција по фестивали и стрип конкурси.

Од друга страна тука се и стриповите кои се објавуваат во весници, воглавно тоа се стрипови на политичко-сатирична тематика. Не можам да кажам дека сум особено запознаен, но со оглед на тоа дека излегуваат со години, логично е да претпоставиме дека авторите се соодветно финансиски наградени за својот труд. Авторските стрипови во форма на стрип албуми, пак, се сосема трета приказна.

5.      „Вистинска љубов“ (“True love”) е стрипот кој ти ја донесе Втората награда на Меѓународниот стрип фестивал Велес 2014. Каква порака носи овој стрип?

Како што кажува самиот наслов се работи за љубовна приказна, барем гледано на површно ниво. Но ако се проанализира малку подлабоко ќе се види дека темата на стрипот е судирот меѓу фантазијата и реалноста и за контрастот на внатрешниот свет со надворешниот. Всушност и самиот стрип се одвива во недефинираниот простор помеѓу тие два света. Се обидов во него да ги истражам непреминливите гранични линии на реалноста кои што сурово ги заробуваат човечките судби и да прикажам како одредени фантазиите можат за некого да претставуваат опиплива реалност. Стрипот на некој начин претставува потрага по она што е вистина и реалност и како таа невидлива реалност да допре до другиот.

Би сакал да спомнам дека овој стрип воопшто и немаше да постои доколку не беше огромниот талент на финската сликарка Кирси Салонен, која веројатно е главниот виновник за наградата. Со својот сензибилитет и креативен жар, таа во голема мера го збогати претходно напишаното од мене сценарио, преточувајќи го во одличен стрип, за што искрено ѝ благодарам.

6.      Дали твоите стрипови се рефлексија на секојдневни ситуации или фикција?

Ѕвезда водилка при создавањето на еден стрип не ми е ништо друго туку приказната, дали таа е интересна и дали истата може да се реализира во нешто што би било интересно. Тотално небитно ми е дали ќе биде тоа рефлексија на некоја секојдневна ситуација или пак апсолутна фикција.

Но да одговорам директно на вашето прашање, иако не сум размислувал на темата, чинам дека сосема мал дел од она што сум го напишал е рефлексија на (секојдневни) ситуации во кои што јас сум се нашол. Повеќето се инспирирани од некои мои резмислувања и безвременски дилеми, и се мотивирани пред сѐ од потребата креативно да се изразам и да пренесам некоја идеја.

Повеќето од моите стрип приказни се со фикциони елементи, како што се вселенски бродови, змејови и божества, па сепак секоја една од нив зборува за реални нешта. Или како што вели главниот лик во еден од најдобрите стрипови на сите времиња “V for Vendetta”: уметниците користат лаги за да ја кажат вистината, додека политичарите ги користат за да ја прикријат.

7.      Како би ја предвидел иднината на македонскиот стрип?

Мој личен став, со кој што мислам дека би се согласиле повеќето домашни стрип автори, е дека македонската стрип сцена во последните неколку години е на највисоко ниво од кога и да било досега. Ако до 2001 година во Македонија не беше објавен ниту еден стрип албум од домашен автор, лани и годинава објавени беа десетина меѓу кои: „Чуварите на вечната светлина“ на авторот Игор Јовчевски, „Ајвармен“ на група автори, „Различни светови“, антологиски стрип албум на Никола Темков, „Војдан“ на доајенот на македонскиот стрип Диме Иванов – Димано, како и стрип албумот „Мрак, хумор, тишина“ на тандемот Дарко Богданов и Јордан Коцевски.

Ако се суди по ова логично е во блиска иднина да се очекува дека македонскиот стрип ќе е на уште повисоко ниво од денес. За крај би спомнал дека Македонија е расадник на стрип таленти со голем потенцијал и ентузијазам, а со малку поголема поддршка од државата, поголема отвореност и креативност на издавачите и повисока заинтересираност од страна на публиката, на македонскиот стрип во блиска иднина му претстојат сјајни моменти.

Бисера Срцева

За редактираниот текст, објавен на 24 јули 2014 на сајтот BYN: клик!

No comments: