Македонска Ризница, четириесет и втори број


Драги читатели

Пишувањето на текстови и редењето стихови полни со емоции ја покажува исконската, добра, емотивна, со еден збор човечка страна на човекот. Имам особена чест да ви го претставам најновиот број на он-лајн списанието Македонска Ризница во чие досегашно постоење се покажа како свеж горски ветрец на македонската култура, историја и уметност. Во ова време кога некако на пиедестал се искачи сивилото и грдата монотоност на секојдневието ова списание претставува еден колоритен зборник. Зборник кој преку бројните илустрации и фотографии претставува рај за очите, а мевлем за душата.

Во овој број ве носиме на патување низ сензуалноста на поезијата на Златко Бошевски и Стефан Марковски. Преку старите фотографии од Прилеп и текстот посветен На „Демирхисарскиот заговор“ од Васко Гичевски и илустрацијата на Вапцаров ќе ве вратиме назад низ времето, на едно магично временско патување со крајна дестинација, бурното минато на нашиот народ. Минато што колку и да е далечно, сепак ни е блиско бидејќи наше, а не туѓо.

Интервјуто со Катерина Цонкинска и репортажата за македонскиот типограф Александар Стеванов кој за својот фонт „Ботин“ е награден во Уругвај повторно и повторно ќе ве уверат во фактот дека Македонија раѓала и ќе раѓа силни и мудри македонски јунаци на секое поле.

За крај ќе се завршиме со „Славењето на пирејот во македонската Венеција“ поетски затворајќи го овој број на Македонска Ризници како заокружена приказна за убавото, за она што било, за она што е и за она што некогаш можеби ќе биде.

Во овој новогодишен 42 број на Македонска Ризница ви посакувам да уживате и сензуално да се претопите во бројните содржини кои овој број ги носи. Истражете го минатото и проширете го својот видик за сегашноста, бидете духовно побогати со барем една слика, еден стих од бројните поетски творби, со по некој факт од историјата.

Со почит Васко Гичевски

No comments: