„Девојче на Месечината“, рецензија на Дарко Богданов

Рецензија на „Девојче на Месечината“ од страна на стрип-авторот Дарко Богданов.


Ѕвездените пространства од памтивек претставувале и мистерија, и инспирација за човештвото. Не малку дела на ликовната уметност се проткаени со таа мистичност што ѕвездите и општо вселената ги инспирирале, како и дела од литературата во која прв Жил Верн се „дрзна“ да помисли на пат до месечината и ѕвездите, за со почетоците на филмската уметност, уште еден сонувач по име Жорж Мелие за првпат од тоа да направи и филм. Кон средината на дваесетиот век и вселенската трка помеѓу САД и СССР уште повеќе се популаризира астрономијата и интересирањето за вселената, кое пак доведе до развојот на модерната научна фантастика во секој медиум и форма.

„Девојче на Месечината“ претставува едукативна стрип сликовница, да ја наречам, која со својот концепт, иновативност и креативност и обработка од страна на авторот достоинствено се надоврзува на слични дела од минатото. На еден непретенциозен и шармантен начин е погодена златната средина, со едукативниот, ликовно уметничкиот и забавниот момент. Ова е дело кое е и повеќе од потребно на македонскиот пазар, свеж момент и уште еден отпор кон масовната декаденција која ги зафатила и едукативниот и културниот, и општо системот кај нас. „Девојче на Месечината“ е издание за кое нема старосни граници, секој кој ќе го поседува, ќе биде побогат на многу нивоа.

Дарко Богданов, стрип-автор и илустратор

No comments: