„Топуз“, нов македонски фонт

Неодамна, на мрежното место „Дафонт“, објавен беше бесплатниот македонски фонт „Топуз“, дело на дизајнерот Александар Стеванов, изработен со поддршка од Министерството за култура на Република Македонија во програмата за остварување на националниот интерес во културата за 2017 година. Покрај латинична, „Топуз“ има и кирилска поддршка и со своите над 350 глифи може да се користи за пишување на текстови на македонски јазик, како и на јазиците на малцинствата кои што живеат во Македонија, меѓу кои турски, албански и српски.

„Топуз“, како што впрочем открива и неговото име, е базиран на ракописот на доајенот на македонскиот стрип Миле Топуз, а неговото создавање претставува своевиден омаж на овој највозрасен македонски стрип-автор. Воедно, создавањето на фонтот е во насока на збогатување на оскудната понуда на македонски кирилски фонтови соодветни за употреба на стрип, односно истиот има и применлива вредност.

Фонтовите на кои Стеванов се потпишува како дизајнер досега биле користени во повеќе домашни стрип-изданија, меѓу кои албумите „Војдан“ и „Чуварите на вечната светлина“, обата во издание на „Стрип квадрат“ од Скопје, како и во неколку броја на стрип-магазинот „Креатор“ во издание на Стрип центар на Македонија - Велес. За потсетување, во 2015 година Стеванов го освои третото место на уругвајскиот натпревар за изработка на фонтови „Типо тајп аворд“.

Фонтот може да се преземе од овде: www.dafont.com/topuz.font 

No comments: