Sunday, December 13, 2015

Трето место за фонтот употребен во стрипот „Војдан“

Стеванов освои награда на меѓународниот натпревар „Типо тајп аворд“, кој се одржа во Уругвај, за најдобар фонт букви наречен „Ботин“, кои беа употребени за дигитално летерирање на стрипот „Војдан“


Македонскиот стрип-автор Александар Стеванов од Штип освои награда за најдобар фонт употребен во стрип-изданието на меѓународниот натпревар „Типо тајп аворд 2015“, кој годинава се одржа вторпат во Уругвај. Организатор на натпреварот е уругвајската компанија „Типо тајп“, лоцирана во Монтевидео, специјализирана за продукција, дистрибуција и маркетинг на фонтови.

- Награда воопшто не очекував и пријатно бев изненаден кога организаторот на натпреварот од Монтевидео преку електронска порака ми честиташе, изразувајќи подготвеност за понатамошна соработка. Уште повеќе бев изненаден затоа што ова е првиот натпревар за типографија на кој учествувам и немам некое завидно искуство, а и фонтот за кој сум награден е првиот што воопшто го имам изработено - вели Стеванов.

На натпреварот за готови фонтови и фонт-проекти учествуваа автори од цел свет, а македонскиот стрип-цртач освои пофалница, како и трето место во категоријата странски автори, со што е единствениот од деветте наградени и пофалени автори што не е од Латинска Америка.

- Натпреварот, кој се одржува втора година по ред, беше меѓународен и, според пропозициите, право на учество со финализирани фонтови, како и со фонтови во процес на изработка, имаа автори од цел свет. Покрај оние од домаќинот Уругвај, кои се натпреваруваа во посебна категорија, меѓу наградените има автори од Аргентина, Мексико, Чиле, Бразил, Колумбија и јас од Македонија - додава Стеванов.

Тој е награден за фонтот наречен „Ботин“, кој беше искористен за дигитално испишување на стрип-албумот „Војдан“ на Диме Иванов-Димано, во издание на „Стрип квадрат“.

- Станува збор за релативно обемен фонт, кој содржи кирилски и латинични букви и може да се користи за пишување на македонски јазик и на јазиците на малцинствата што живеат во Македонија, но и за текстови на светските јазици, како англискиот, францускиот, шпанскиот, германскиот, рускиот и други - вели Стеванов.                                                                       
     
Автор: Б.Ст. (Нова Македонија)

No comments: