Friday, June 10, 2016

Презентација на македонскиот фонт „Горски“

Во сабота (11 јуни), официјално ќе биде презентиран неодамна објавениот бесплатен македонски фонт „Горски“, пред пошироката македонска јавност, во рамки на манифестацијата „Скопје креатива“.

Македонскиот фонт „Горски“, кој покрај кирилична има и латинична поддршка, е објавен на 25-ти мај, на едно од најпознатите мрежни места за фонтови – „ДаФонт“ (www.dafont.com/gorski.font), а досега, за нешто помалку од половина месец, до четвртокот 9-ти јуни, има повеќе од три илјади преземања.

„Горски“, кој содржи околу 350 глифи, е правен според летерингот (≈ракописот) на доајенот на македонскиот стрип, прерано починатиот Љупчо Филипов (Љубомир Филиповски, 1947-2000).

Освен за збогатување на оскудната понуда на македонски кирилски фонтови соодветни за употреба на стрип, истиот на некој начин претставува омаж на овој неправедно подзаборавен врвен македонски стрип-мајстор.
 
Автор на фонтот е Александар Стеванов, а неговата изработка финансиски е поддржана од страна на Министерството за култура на Република Македонија. Освен за текстови на македонски јазик, „Горски“ може да се користи и за текстови на повеќето јазици на малцинствата во Македонија, како албански, турски, српски и други.

На презентацијата, покрај претставници на Стрип центарот на Македонија – Велес, најавено е дека гостин ќе биде и македонскиот стрип-автор од постарата генерација Диме Иванов – Димано.

За потсетување, минатата година за фонтот „Ботин“, базиран на ракописот на Димано, Стеванов освои трета награда во соодветната категорија на уругвајскиот натпревар во типографија „Типо тајп аворд“ (TipoType award), а фонтот беше употребен и за дигитално летерирање (впишување на текстот) на стрип-албумот „Војдан“ на Димано, во издание на „Стрип Квадрат“.

No comments: