Friday, October 1, 2021

Збор два за стрипот

Збор два за стрипот

Велат дека вистинската љубов е секогаш тажна и дека сите љубовни приказни се напишани во нечие скршено срце. Вистина или не, за жал, случајот со оваа приказна е токму таков. Нејзиниот зародиш настана поради еден вистинит настан, кој што е опишан на самиот крај од стрипот. Истиот тој настан, во налетот на големите очекувања и на прагот на разочарувањето, иронично послужи како инспирација за приказнава. А во миговите кога сеќавањата за тој настан полека преминуваа во заборав, сценариото веќе беше готово.

Творештвото на Кирси Салонен со голем интерес го следам веќе пет години. Имагинацијата која што извира од секоја нејзина слика, никого не може да го остави рамнодушен. Уште додека го пишував сценариото за стрипот, знаев дека личноста која што најдобро би можела да го наслика и долови е никој друг туку таа. Кога започнавме да ја договаравме соработката истово ѝ го кажав и нејзе, дури и Леонардо да Винчи да се понудеше за илустратор на стрипот јас не би се согласил пред да слушнам што таа има да каже. За среќа нејзиниот одговор беше потврден.

Кирси на приказната ѝ даде надреален уметнички печат и со својот талент и вештини од пишаните зборовите создаде вистинска визуелна поезија. Секој панел од стрипот кој што таа го наслика не е само следење на општата приказна туку и приказна сама по себе. Секој од нив гласно говори со илјада зборови и ни открива низа на имагинативни светови и реални емоции. Стрипот е летериран и на македонски и на англиски јазик, а за проверката на англиската верзија, како и за корекциите, заслужна е професионалната лекторка Ирена Јурчева.

Александар Стеванов

No comments: