Showing posts with label Девојче на Месечината. Show all posts
Showing posts with label Девојче на Месечината. Show all posts

Wednesday, November 1, 2017

„Девојче на Месечината“, рецензија на Дарко Богданов

Рецензија на „Девојче на Месечината“ од страна на стрип-авторот Дарко Богданов.


Ѕвездените пространства од памтивек претставувале и мистерија, и инспирација за човештвото. Не малку дела на ликовната уметност се проткаени со таа мистичност што ѕвездите и општо вселената ги инспирирале, како и дела од литературата во која прв Жил Верн се „дрзна“ да помисли на пат до месечината и ѕвездите, за со почетоците на филмската уметност, уште еден сонувач по име Жорж Мелие за првпат од тоа да направи и филм. Кон средината на дваесетиот век и вселенската трка помеѓу САД и СССР уште повеќе се популаризира астрономијата и интересирањето за вселената, кое пак доведе до развојот на модерната научна фантастика во секој медиум и форма.

„Девојче на Месечината“ претставува едукативна стрип сликовница, да ја наречам, која со својот концепт, иновативност и креативност и обработка од страна на авторот достоинствено се надоврзува на слични дела од минатото. На еден непретенциозен и шармантен начин е погодена златната средина, со едукативниот, ликовно уметничкиот и забавниот момент. Ова е дело кое е и повеќе од потребно на македонскиот пазар, свеж момент и уште еден отпор кон масовната декаденција која ги зафатила и едукативниот и културниот, и општо системот кај нас. „Девојче на Месечината“ е издание за кое нема старосни граници, секој кој ќе го поседува, ќе биде побогат на многу нивоа.

Дарко Богданов, стрип-автор и илустратор

Friday, September 1, 2017

„Девојче на Месечината“, рецензија на Весна Ничевска Саравинова

Рецензија на „Девојче на Месечината“ од страна на сликарката Весна Ничевска Саравинова.


Во една малечка сликовница се крие еден голем свет, бесконечен свет на идеалите, светот на сонувачите. Како и „Малиот принц“, тоа малечко девојче е полно љубов за сите, за целиот свет и сите суштества во него и за сите други планети и ѕвезди. А едно момче сонува за таа совршена љубов изгубена меѓу ѕвездите. Во време на подем на материјализмот, една ваква слатка, нежна, поетична сликовница е ѕвезда која ако допре до нечие срце ќе посее семе на поубав свет и секое такво срце засекогаш ќе засвети меѓу ѕвездите. Ова е естетски привлечна, духовно богата и научно поучна сликовница за секоја возраст.

Весна Ничевска Саравинова, дипломиран ликовен уметник

Thursday, May 25, 2017

Промоција на стрип-сликовницата „Девојче на Месечината“

На 26 мај, со почеток во 12 часот, во НУ-УБ „Гоце Делчев“ во Штип ќе се одржи промоција на стрип-сликовницата „Девојче на Месечината“, комплетно дело на авторот Александар Стеванов. Се работи за најнова публикација на издавачката куќа „Стрип квадрат“ од Скопје, чие објавување е поддржано од страна на Министерството за култура на Република Македонија во програмата за остварување на национален интерес во културата за 2017 година.


Сликовницата „Девојче на Месечината“ е патешествие на едно мало девојче низ Галаксијата, разните созвездија на небото, и патот до вистината“, открива нејзиниот издавач Никола Темков. „Префинетоста во расказот на еден суптилен начин потсетува на Егзипери и неговиот мал принц, а илустрациите ни отвораат еден прекрасен фантастичен свет. Авторот Александар Стеванов на мошне интересен начин успева да нè заинтригира за вселената, за отвореното небо и ѕвездите, и преку оваа приказна да ни ги обогати знаењата за истите. Сликовницата изобилува со прекрасни илустрации, исполнети со вистински соѕвездија, а во внатрешноста содржи и самолепливи сликички, кои ќе понудат прекрасно изненадување за децата.


Еден ден по промоцијата во родниот град на авторот - Штип, со почеток во 13 часот во „Кафе Ли“, „Девојче на Месечината“ ќе биде презентирано и пред скопската публика. Промотивната цена на изданието, кое е целосно испечатено во боја, ќе изнесува само 80 денари.

Wednesday, May 10, 2017

Девојче на Месечината

Наскоро, во издание на „Стрип квадрат“ од Скопје, објавена ќе биде едукативната стрип-сликовница со самолепливи сликички „Девојче на Месечината“, комплетно дело на авторот Александар Стеванов.